На денешната собраниска седница, пратеничката од Левица Јована Мојсоска ги образложи петте предложени закони со кои се таргетираат најгорливите проблеми на младите и младите семејства.
„Овие закони произлегоа како контра одговор на апсурдната понуда на владата за воведување на ДАНОК ЗА НЕМАЖЕНИ И НЕЖЕНЕТИ, која беше една репресивна мерка што ја отсликува безидејноста и отсуството на политичка волја кај владејачкиот естаблишмент. На младите не им требаат ниту празни ветувања, ниту сувопарни флоскули – нив им треба систем каде ДОМУВАЊЕТО и ДОСТОИНСТВЕНАТА ЕГЗИСТЕНЦИЈА се основни човекови права, а не луксуз.
И пред да се стават овие предлог закони на гласање, јас само ќе потенцирам фрапантен податок: оваа учебна година во македонските училишта се запишале дури 27 000 ученици помалку споредбено со пред 10 години. И за овој ЕГЗОДУС кој се случува на македонската држава не можете да се апстрахирате од одговорност, затоа што сите владејачки елити досега изградија систем каде владее брутална партизација, корупција, медиокритети и сиромаштија која ги брка младите.
Не можете да се амнестирате од одговорност за системот кој почива на ДЛАБОКА СОЦИЈАЛНА РАСЛОЕНОСТ каде за некого домувањето е луксуз, додека вашите милионери функционери ги гледаме како богатството го трошат по раскошни локации како Монако и Дубаи.”, заклучи пратеничката на Левица, Јована Мојсоска.



