МСП му нареди на Израел да ја запре офанзивата врз Рафах – тоа го налагаат условите на теренот, се вели во пресудата

Од друга страна, портпаролот на израелската влада во пресрет на денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата изјави дека „ниту една сила на Земјата нема да го спречи Израел да ги заштити своите граѓани и да тргне по Хамас во Газа“

Судиите на највисокиот суд на Обединетите нации (ОН) денеска донесоа пресуда со која му наредија на Израел да ја запре воената офанзива на градот Рафах во јужна Газа, пренесе Ројтерс. 

Од заседанието на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија на 17 мај 2024 г. / Фото: EPA-EFE/Lina Selg

Читајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП), претседателот на ова тело, Наваф Салам рече дека привремените мерки што судот ги нареди во март не успеале да ја решат целосно ситуацијата во Газа и дека сегашните услови налагаат нова вонредна наредба.  

„Израел мора веднаш да ја прекине својата воена офанзива во Рафах“,

рече Салам. 

Пресудата доаѓа по минатонеделното барање на застапниците на Јужна Африка во судот, кои повикаа на Израел да му биде наредено да ја запре офанзивата во Рафах, истовремено обвинувајќи ја земјата за геноцид во Газа.  

Како што извести агенцијата Ројтерс, за време на заседанието пред судот била собрана мала група пропаслестински демонстранти кои веејќи знамиња и изведувајќи музика повикале на слободна Палестина.   

Израел децидно ги отфрла обвинувањата за геноцид како неосновани и пред судот тврди дека неговите операции во Газа се одбранбени и насочени кон милитантите на Хамас кои го нападнаа Израел на 7 октомври, лани, по што започна војната во Појасот. 

Портпаролот на израелската влада во пресрет на денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата изјави дека „ниту една сила на Земјата нема да го спречи Израел да ги заштити своите граѓани и да тргне по Хамас во Газа“. 

Инаку, израелските сили ја започнаа офанзивата на градот Рафах, во близина на границата со Египет, овој месец, принудувајќи стотици илјади Палестинци да го напуштат градот кој претходно стана засолниште на околу половина од 2,3 милиони жители на Газа кои беа раселени од другите делови на Појасот поради воената кампања на Израел. 

Градот Рафах, исто така, беше и главна точка преку која влегуваше хуманитарната помош за цивилното население во Појасот. Според меѓународните организации, израелската операција доведе до прекин на испораката на помошта и го зголеми ризикот од глад. 

Застапниците на Јужна Африка минатата недела побараа од Меѓународниот суд на правдата да воведе итни мерки, посочувајќи дека нападите на Израел врз Рафах мора да запрат за да се обезбеди опстанок на палестинскиот народ. 

Дел од урнатините во градот Рафак како последица на израелското бомбардирање на градот во војната против Хамас / Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Меѓународниот суд на правдата е највисокото тело на Обединетите нации за решавање спорови меѓу државите. Неговите пресуди се конечни и обврзувачки, но во минатото често беа игнорирани, потсетува Ројтерс, додавајќи дека судот нема извршни овластувања. 

Во меѓувреме палестинските власти ја поздравија одлуката на МСП. Во изјава за Ројтерс портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Абу Рудеина, рекол дека пресудата претставува меѓународен консензус за ставање крај на војната во Газа. 

Одлуката на Меѓународниот суд на правдата ја поздрави и исламистичкото движење Хамас. Сепак, за нив пресудата не е доволна и повикаа да се стави крај на офанзивата на Израел врз цела Газа. Истовремено Хамас го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да ја спроведе одлуката на МСП. 

Пронајдете не на следниве мрежи: