Шефот на диломатијата Тимчо Муцунски вели дека темата за прием на одбиени баратели на азил во земјава, шпекулативно ја отвориле медиуми од Обединетото Кралство, и тоа не само за Македонија.
„Таква дискусија и намера од нашата влада ниту имало ниту ќе има“, вели Муцунски во интервју за 360 степени.
Напоменува дека во ниту една форма и легални и нелегални, никакви мигранти нема да бидат примени во нашата држава врз основа на која било форма на договор со Обединетото Кралство.
„Ниту одбиени баратели за азил. Ниту ќе бидат во посебни… кажавме дека нема да има посебни центри, па видов опозицијата почна да шири хистерија – „да, нема да бидат во посебни центри, ќе бидат во станови“. Ни тоа, ни тоа нема да го има. Значи, никаков пакет поврзан со мигранти или одбиени баратели на азил нема оваа влада да склучи, ниту преговарала за такво нешто, ниту имала намера да преговара за такво нешто. Значи, се работи за целосно креирана лажна вест којашто на еден безобразен, штетен начин, се ширеше од главната опозициска партија во државата“, рече Муцунски.
На прашањето зошто првично не одговорила Владата на барањата на британските медиуми Муцунски одговори: „Тоа јас не знам дали одговорила или не одговорила во делот на комуникацијата, но јас ви кажувам, ние внатрешно се координиравме, заедно со тимот за односи со јавноста во Владата, видовме дека наеднаш добиваме повеќе прашања и без да се чека став од страна на Владата, се објавуваа повеќе текстови во медиумите во Обединетото Кралство и се одлучивме да го направиме одговорот на еден системски начин“.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрла можноста некој внатре во Владата да испратил макар полусигнал до британските власти дека се подготвени на разговор на таа тема.
Категоричното „не“ од македонскиот државниот врв за прием на одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство, според него, нема да влијае на спроведувањето на најавените инфраструктурни проекти, како, на пример, оној за „брза пруга“.



