Европа во моментов има одлична можност да го врати својот кредибилитет ако не го гледа проширувањето низ логиката на бирократијата, туку низ стратешка визија, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на панел-дискусија во рамките на 21. Бледски стратешки форум, објави Радио-телевизија Словенија.
На панелот, насловен како „ Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, тој учествуваше заедно со министрите за надворешни работи на Словенија, Хрватска и на Унгарија, како и со европскиот комесар за Медитеранот, Дубравка Шуица. Сите говорници силно го поддржаа проширувањето на ЕУ, особено кон Западен Балкан, но се осврнаа и на предизвиците во врска со процесот.
Според Муцунски, проширувањето бара политичка волја, која порано беше поизразена. Тој оцени дека сега е вистинско време повторно да се воспостави оваа политичка волја.
„Многу сме охрабрени од она што го слушаме од Брисел, потенцијално за оваа нова визија за политиката на проширување и како таа ќе биде модернизирана за да се прилагоди на времето во кое живееме. Но, во нашиот регион, не само што е правично да видиме акција, туку мислам дека заслужуваме да видиме акција поради тоа колку се посветени нашите општества и колку се посветени нашите влади“,рече македонскиот министер во Блед.
Тој се осврна и на критериумите за европската интеграција, со молба до регионалните и до европските колеги.
„Нашата единствена молба е да ја гледате европската интеграција како модел за трансформација на нашите институции, а не да се обидувате да ги трансформирате нашите идентитети. Оценувајте не врз основа на заслуги и оценувајте не во ова геополитички турбулентно време дали сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“,порача Муцунски на панелот.
И словенечкиот министер за надворешни работи Тоне Кајзер повика на прагматизам и оцени дека ЕУ мора да направи повеќе за процесот на проширување да биде побрз и помалку бирократски.
„Постои празнина во Западен Балкан, и ако ние како ЕУ не дејствуваме брзо, ако одложуваме, тоа ќе ја влоши нашата ситуација“,рече тој.
Хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман рече дека проширувањето е најефикасната и во исто време најевтината алатка за надворешна политика што ја има Европската Унија, но според него, земјите-кандидатки исто така мора да покажат дека навистина сакаат да се приклучат кон ЕУ, да ги прифатат заедничките вредности и соодветните реформи.
Унгарската министерка за надворешни работи, Анита Орбан, нагласи дека Будимпешта е исто така целосно посветена на напредокот на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Како и Грлиќ Радман, таа верува дека проширувањето е ефикасна геополитичка алатка за ЕУ, исто така од перспектива на стабилноста и безбедноста на европскиот континент.
Шуица нагласи дека проширувањето станало и стратешка и геополитичка неопходност од перспектива на Европската комисија, но сепак треба да се исполнат одредени услови. Според неа, Комисијата ќе си ја заврши работата, но мора да се земе предвид дека проширувањето бара и согласност од сите 27 земји-членки.
Комесарот и министрите разговараа и за поврзаноста и безбедноста во Централна и Југоисточна Европа. Тие повикаа на поголема соработка и интеграција на различни нивоа, вклучувајќи транспорт, енергетика и дигитална инфраструктура.
„Нашата отпорност е толку силна колку што е силна нашата инфраструктура и верувам дека ова е клучен елемент на дебатата за безбедноста“,рече Муцунски.
Шуица ја истакна конкурентноста како врвен приоритет на Европската комисија, но „не може да има конкурентност без безбедност и одбрана“.



