Во Кочани денеска се одржа 35 Марш за ангелите, протестен собир каде родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ бараат правда за своите деца. На маршот се обрати таткото на загинатата Надица Наунова, која утре требаше да го слави 18 роденден, но нејзиниот живот трагично оконча во пожарот на 16 март. Таткото во емотивен и потресен говор ја искажа неописливата болка во која сега живее неговото семејство. Рече дека таа не е почината по Божја волја, туку поради корупција. Откри дека Надица го молела да се иселат од Македонија, но тој не ја послушал.
-Го славиме твојот небесен роденден ќерко моја. На 8 Март мојата ќерка Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка. Мал гест, но исполнет со љубов. Таква каква што само едно дете знае да ја даде. Не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно те сакам преточено во дело. Седнавме тогаш да ручаме, како вистинско семејство. Разговаравме, се смеевме, си ги гледавме лицата со радост и надеж. Зборувавме за нашиот најсреќен ден 28 декември, денот кога мојата прва рожба, мојата прва радост требаше да наполни 18 години. Зборувавме за музиката што таа ќе ја избере, за ди-џејот што ќе ја крене салата на нозе, за фустанот што ќе го одбере и толку ќе биде убава. Зборувавме за гости, за пријатели од Србија, за смеа, за радост, за торта. Тоа не беа само планови туку тоа беше живот што го очекувавме, но на 16 март се згасна, рече низ солзи таткото на Надица.



