Над илјада пожарникари се борат со пожарите во Евија и Тасос, Грција бара помош од ЕУ

Во Грција се мобилизирани над илјада пожарникари да се борат против шумските пожари, а најголемиот е на островот Евиа, северно од Атина. Загрозени се околните села и таму е прогласена вонредна состојба, но пожарот и натаму е надвор од контрола. Истовремено започна и истрага за причините на големиот пожар во Евиа , кој со густ чад покри дел од средна Грција, вклучувајќи ја и Атина.
АП пренесува дека во Грција во рок од 24 часа се активирале 56 пожари, а грчкиот премиер Мицотакис го прекина одморот и од Крит се врати во Атина.
Според информациите од утринава, ситуацијата е малку подобра од вчера. Десетина пожарникари, два канадери и хеликопетр се борат со пожарот на Тасос.
-Ситуацијата изгледа подобро, пожарникарите вложија големи напори, изјави регионалниот гувернер за централна Грција, Костас Бакојанис за телевизија “Скај“, наведувајќи дека пожарите се комплицирани за гасење, но истакна дека човечки животи не се загрозени.
Грчки “Катимерини“ пожарите во Евија ги нарече голема еколошка катастрофа. Се наведува дека пожарот опфатил површина од 12 километри, го гаснат 280 пожарникари, доброволци, војници, шест канадери и шест хеликоптери и прогласена е вонредна состојба.
Грчката Влада побарала помош од европските организации за цивилна заштита, а канадери се испратени од Хрватска и Италија.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.