Над 1.100 смртни случаи во Шпанија поради топлотниот бран

Најмалку 1.149 луѓе во Шпанија починале како последица од неодамна завршениот 16-дневен топлотен бран, покажуваат проценките на Институтот за јавно здравје „Карлос III“.

Според системот за мониторинг на смртноста „MoMo“, кој ги следи податоците за реалната и очекуваната смртност, бројката претставува отстапување што најмногу може да се припише на екстремните температури. Иако системот не утврдува апсолутна причинско-последична врска, тој ја дава најпрецизната статистичка проценка за влијанието на жештините врз смртноста, пишуваат медиумите.

Веќе во јули, „MoMo“ регистрираше околу 1.060 смртни случаи поврзани со топлината, што е за 50% повеќе отколку истиот месец лани. За време на последниот бран, температурите на југот на Шпанија достигнуваа и до 45 степени, дополнително отежнувајќи ги напорите на пожарникарите и војската во справувањето со големите пожари, особено на запад.

Иако со падот на температурите и најавените дождови се очекува олеснување на состојбата, премиерот Педро Санчез предупреди дека „тешките времиња сè уште претстојат“.

Пронајдете не на следниве мрежи: