Намалената акциза за горивата останува до 4 мај, ДДВ за дизелот се враќа на 18 проценти

Мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати е продолжена до 4 мај, а ДДВ-то за дизелот се враќа на 18 проценти, додека за бензините останува повластена од 10 проценти. Ваква одлука донела Владата на денешната седница.
– Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за дизел горивото во износ од 4 денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од 2 денари по литар. Оваа интервенција има директен фискален и пазарен ефект, којшто се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси, информираа од Владата.
За одлуката за ДДВ за горивата, Владата посочува дека ваквата мерка претставува внимателно балансиран пристап меѓу потребата за таргетирана поддршка на граѓаните и обезбедувањето на фискална одржливост.
– Согласно нашите пресметки очекуваме Регулаторна комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар. Истовремено, останува во сила и претходно договорениот механизам со нафтените компании, согласно кој се обезбедува дополнително намалување од 3 денари по литар за дизел горивото и 2 денари по литар за бензините. Со ова, се постигнува кумулативен ефект на намалување на цените, кој директно се рефлектира во намалување на трошоците за транспорт и во ублажување на инфлаторните притисоци врз економијата, велат од Владата.

Пронајдете не на следниве мрежи: