Народна банка на Македонија: Стабилноста на банкарскиот систем дополнително се зајакнува

Во услови на брз раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја одржа стабилноста и солвентноста, додека коефициентот на адекватност на капиталот достигна 19,6 проценти, што е највисоко ниво од 2006 година, заклучи Советот на Народната банка, кој на својата редовна седница го одобри Извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од оваа година.

Централната банка денес објави дека ликвидноста на банкарскиот систем останала на задоволително ниво и дека ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и депозитите на домаќинствата.

Квалитетот на кредитното портфолио исто така се подобри во овој квартал, додека стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниско ниво од 2,4 проценти.

„Во услови на олабавени кредитни стандарди и зголемена побарувачка за кредити, зајакнатата солвентност поддржа побрз раст на кредитирањето на домаќинствата и претпријатијата, кое на квартална основа достигна 3,1 процент и 4,3 проценти, соодветно. Депозитите исто така пораснаа побрзо во вториот квартал од годината, додека продолжија да се евидентираат поволни движења по валута и рок на депозити“, информира Народната банка.

Советот на Народната банка ја одобри и Рамката за одржливост, која ги поставува темелите за систематско спроведување на одржливи практики во секојдневната работа. Рамката за одржливост има за цел да придонесе за зголемување на енергетската ефикасност, одговорно користење на ресурсите, промовирање на зелените финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и за подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливата дејност. Со нејзиното одобрување, Народната банка најавува дека ќе продолжи со активности насочени кон подобрување на еколошките практики, финансиската едукација и одговорното дејствување, во функција на долгорочна економска стабилност и социјална благосостојба.
The post Народна банка на Македонија: Стабилноста на банкарскиот систем дополнително се зајакнува appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: