Народна банка нема исти очекувања како Анѓушев

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска не го дели ентузијазмот на Владата за високиот прилив на директни странски инвестиции годинава. Во пролетната проекција за економијата пресметала нивен раст од само 3,2 насто, пишува “Независен“. На почетокот на годинава, кога беа објавени податоците дека во 2018 година е постигнат инвестициски рекорд од 624 милиони евра СДИ, вицепремиерот Кочо Анѓушев, изјави дека годинава очекува уште подобри бројки.
– Забрзувањето на евроатлантската интеграција може да донесе поголеми бенефити за нашата економија, согласно искуствата на економиите кои веќе поминаа низ овој процес. Сепак, нашето сценарио не ги вградува овие претпоставки за засилени странски директни инвестиции (СДИ) или барем не во таа мера во која би можело да се очекува. Лани кај СДИ беше остварен исклучително висок прилив, 5,8 проценти од БДП, што е еден од највисоките што сме го имале како економија. За годинава предвидуваме раст на СДИ од 3,2 проценти и на среден рок 3,5 проценти. Сепак попрудентен е нашиот пристап. Очекуваме да видиме какви ќе бидат движењата во првиот квартал, сè уште не располагаме со целосни податоци за првиот квартал, па да видиме дали овие трендови ќе продолжат или не. Доколку продолжат, тоа би било одлично за нашата економија и во некоја наредна фаза би направиле ревизија на проекциите“, изјави гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска додавајќи дека доколку дојде до забрзување на процесите на инвестирање, ефектите ќе се видат во повеќе сегменти.
Извор: “Независен весник“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.