Наскоро банкнота со ликот на Марадона

Аргентинскиот Конгрес наскоро ќе расправа за барање ликот на покојниот легендарен фудбалер Диего Армандо Марадона да биде ставен на националната банкнота од 1.000 пезоси.
Според подносителот на барањето, сенаторката Норма Дуранго, банкнотата од едната страна треба да го носи ликот на Марадона, додека на другата страна би била поставена фотографија од легендарниот гол, познат како „Божја рака“, што Аргентинецот го постигна против Англија на Мундијалот во 1986 година.
– Идејата не е само да му се оддаде почит на нашиот најголем идол, туку има и економска заднина. Сметам дека голем број туристи на заминување ќе сакаат да го „понесат“ Марадона со себе. Независно дали бил добар или лош, тој е најпознатиот Аргентинец во светот, изјави Дуранго.
Идејата, сепак, уште пред да се најде на расправа во Конгресот наиде на отпор кај дел од Аргентинците, кои сметаат дека поставувањето на „Божјата рака“ на банкнота ќе значи одобрување на незаконитоста, со оглед дека прославениот гол Марадона го постигна со рака.
Банкнотата од 1.000 пезоси, која според курсот со денешен датум има вредност од 12,27 долари, сега го носи ликот на црвениот печкар, националната птица во Аргентина од родот колибри.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.