Институтот за комуникациски студии денеска организира научен собир со дискусија. Темата на дискусијата ќе се заснова на деветмесечното истражување на ИКС Мерење на политички штетни наративи и на монографијата „Наративна стапица: откривање на штетни(те) наративи кај политичарите и медиумите“.
Како што информираат од ИКС, истражувањето и монографијата ги дефинираат не само комуникациските стратегии на политичките актери туку и растечката тенденција за негување негативен јавен дискурс.
Од ИКС посочуваат дека доминантната негативна реторика е дополнително засилена преку медиумите (телевизиите и онлајн медиумите) кои не ги почитуваат доследно новинарските професионални стандарди кога информираат за политичките случувања.
-На настанот посебно внимание ќе им се посвети на ефектите од ваквата јавна и политичка комуникација. Преку екстракција на зборовите со силен емоционален набој, авторките ќе сумираат каков психолошки отпечаток оставаат ваквите пораки кај публиката. Дополнително, со критичката дискурзивна анализа, истражувањето ги „улови“ неологизмите и јазичните иновации што ги пропагираат политичарите, создавајќи своевиден политички новоговор − и во македонскиот и во албанскиот јазик, се посочува во најавата на ИКС за настанот.