Светските цени на нафтата продолжуваат да паѓаат, а референтниот европски тип „брент“ достигна најниско ниво од крајот на август. Пазарите реагираат на зголемените надежи дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел да заврши со дипломатски договор, што би ги намалило ризиците за снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.
Нафтата „брент“ денеска се тргуваше под 92 долари за барел, додека американската сурова нафта ВТИ се движеше околу 85 до 86 долари. Во претходната сесија, „брент“ падна за 5,85 проценти, на 92,57 долари за барел, а ВТИ поевтини за 4,38 проценти, на 86,85 долари. Според „Ројтерс“, падот продолжува и денес при што цената на „брент“ се намалила за дополнителни 1,7 проценти, на 90,99 долари за барел, додека ВТИ паднала на 85,20 долари.
Особено голем е падот во последните денови. Минатата недела цената на „брент“ се намали за околу 16 проценти, што е најголем неделен пад од почетокот на пандемијата во 2020 година. Главната причина за промената на расположението на пазарите се сигналите од Вашингтон дека САД засега нема да преземаат нови воени напади врз Иран, доколку продолжат разговорите за завршување на конфликтот.
Трамп изјави дека нови напади во моментов не се неопходни, иако нагласи дека американските сили остануваат подготвени доколку ситуацијата се промени. Овие изјави ги зголемија очекувањата дека би можело да се постигне договор меѓу Вашингтон и Техеран, со што би се намалиле опасностите за транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец – една од најважните светски рути за снабдување со енергенси.
Сепак, ризиците не се целосно отстранети. Напади врз бродови во регионот продолжуваат да предизвикуваат загриженост, а аналитичарите предупредуваат дека трајно пониски цени ќе зависат од конкретен дипломатски договор и нормализирање на поморскиот сообраќај.
Иако нафтата значително поевтини на светските берзи, тоа не значи дека потрошувачите веднаш ќе го почувствуваат падот на цените на бензинските пумпи. Малопродажните цени зависат и од курсот на доларот, трошоците за транспорт и преработка, залихите, даноците и акцизите, како и од времето потребно поевтината суровина да се одрази врз цените на готовите горива.



