Грижата за здравјето на вашиот мозок е важна на која било возраст, а исхраната може да игра улога во ова. Одредени видови храна и пијалоци се поврзани со подобра концентрација и зачувување на когнитивните способности. Вообичаен утрински пијалок може да му користи на мозокот и на краток рок и како што стареете.
Станува збор за кафе, или поточно за комбинацијата од кофеин и полифеноли што природно ги содржи. Кофеинот може да ја подобри концентрацијата бидејќи делува како стимуланс за централниот нервен систем.
,,Кофеинот го блокира аденозинот, хемикалија во мозокот што ја поттикнува поспаноста“, објаснува нутриционистката Талија Фоладор за EatingWell.
Истражувањата покажуваат дека една до две шолји кафе, или до 200 милиграми кофеин, можат да го подобрат вниманието и времето на реакција.
Кафето е поврзано и со долгорочни придобивки
Редовното пиење кафе е поврзано и со помал ризик од одредени невродегенеративни заболувања. Една голема студија покажа дека луѓето кои пиеле незасладено кафе со кофеин дневно имале 34 проценти помал ризик од деменција поврзана со Алцхајмерова болест и 37 проценти помал ризик од Паркинсонова болест во споредба со оние кои не пиеле кафе.
„Кафето е богато со антиоксиданси кои помагаат во отстранувањето на слободните радикали, намалувајќи го оксидативниот стрес и воспалението во мозокот“, вели нутриционистката Кејтлин Бил.
Придобивките може да се прошират и на зачувување на когнитивните способности како што старееме.
,,Поголемата консумација на кафе со кофеин, поточно две до три шолји дневно, е поврзана со помал ризик од деменција и подобри когнитивни исходи“, истакнува Фоладор.
Студија во која биле следени повеќе од 130.000 возрасни лица на возраст над 43 години покажала дека оние со најголем внес на кофеин од кафе имале 18 проценти помал ризик од деменција, иако резултатите не докажуваат дека кафето директно ја спречува деменцијата.
Како правилно да уживате во кафето?
Исто така е важно да внимавате на количината и времето на пиење кафе. Нутриционистката Јохана Кац препорачува да го пиете наутро или порано во текот на денот за да не се меша кофеинот во сонот, а треба да внимавате и на количината на шеќер и други адитиви. ФДА препорачува возрасните да не консумираат повеќе од 400 милиграми кофеин дневно, но индивидуалната толеранција може да биде многу помала.
„Идеалната количина е најмалиот внес што ја подобрува будноста без да предизвика вознемиреност, срцеви палпитации, дигестивни тегоби или нарушувања на спиењето“, заклучува Кац.
Пронајдете не на следниве мрежи:



