Пазарот на недвижности во 2025 година се карактеризира со стабилност, висока активност и зголемен интерес за инвестирање, при што урбаните средини остануваат во фокусот, покажува годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижностите.
Становите и понатаму се водечки сегмент – учествуваат со 33% во вкупниот број трансакции и дури 48% во вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9%, нивната вкупна вредност е зголемена за 10,8%, што укажува на раст на цените.
Најголема активност има во општините Центар, Аеродром и Карпош, каде што се регистрирани и највисоките просечни цени – 1.692 евра/м² во Центар, 1.558 евра/м² во Аеродром и 1.419 евра/м² во Карпош.
Најскапиот стан во текот на годината бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, додека рекордната цена за куќа е постигната во Центар и изнесува 1,5 милиони евра. Највредниот деловен простор, исто така во Центар, достигнал цена од 6,8 милиони евра.
Во 2025 година биле реализирани вкупно 33.381 трансакција, што е раст од 7,6% во споредба со претходната година. Од нив, 23.470 се купопродажби (зголемување од 4%), а 9.911 се договори за закуп, кои бележат значително повисок раст од 17%.
Вкупната вредност на пазарот достигнала 1,14 милијарда евра, што претставува зголемување од 12,9% во однос на 2024 година, при што најголем обем на средства е реализиран во последниот квартал – околу 314 милиони евра.
Земјоделското земјиште и шумите имаат учество од 31% во вкупниот број трансакции, додека градежното земјиште учествува со 14%, но бележи значителен раст на вредноста од 36%. Куќите учествуваат со 13% и имаат раст на вредноста од 37%.
Најразвиен пазарот е во поголемите урбани центри, каде што се реализирани најмногу трансакции – 2.414 во Центар, 1.963 во Аеродром и 1.791 во Карпош.
Највисоката цена по квадратен метар е постигната во Аеродром и изнесува 3.784 евра/м².
Сегментот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, при што најголем раст на цените на становите од инвеститори има во Центар (31%), додека во Охрид е забележан пад од 4%.
Пазарот на закупи достигнува вкупна месечна вредност од околу 4 милиони евра. Во оваа категорија доминираат становите со 35% учество и раст од 15%, додека деловните простори учествуваат со 34% и бележат раст од 24%.
Извештајот укажува на зголемена побарувачка за изнајмување и континуиран развој на секторот. За 2026 година се очекува умерен раст, проследен со поголем интерес за инвестиции и дополнително проширување на пазарот на закупи.



