На „Вембли“ со среќен крај за „аѕурите“: Саутгејт ги утна „пеналџиите“, Италија ја освои втората европска титула!

Италијанската фудбалска репрезентација предводена од Роберто Манчини испиша историја на „Вембли“, а истовремено ја фрли во очај цела англиска спортска јавност која се надеваше дека тимот на Саутгејт ќе стигне до својата прва европска титула.
Големото финале во Лондон не можеше да понуди поголема драма, бидејќи финалето замина во пенал завршница, во која како поснаодливи се покажаа Италијанците кои беа за нијанса посталожени и посигурни во навистина лошата серија. Во регуларниот дел, резултатот беше 1:1 со головите на Лук Шо и Леонардо Бонучи, но откако двата тима почнаа да играат претпазливо и повеќе да внимаваат на својот гол, стана јасно дека ќе гледаме пенали.
Во оваа фудбалсдка лотарија, изборот на Герет Саутгејт се покажа како исклучително лош, бидејќи двајцата играчи кои ги стави во 117-та минута како сигурни пеналџии, на крајот се покажаа како трагичари.
Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо не беа воопшто загреани и не успеаја да го надитрат Донарума, но во петтата серија, не реализираше и младиот Букајо Сака кој беше добро прочитан од италијанскиот чувар на мрежата.


Берарди, Бонучи и Бернардески беа сигурни изведувачи, додека од англискиот тим, прецизни беа само Хари Кејн и Хари Мегваер. На овој начин, се спушти завеса на 16-то Европско првенство, на кое Италија стигна до својата втора титула, а Англија ќе продолжи да чека на голем трофеј и во иднина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.