Царинските службеници на граничниот премин Табановце – Прешево спречија обид за криумчарење на три луксузни рачни часовници во вредност од 2,34 милиони денари (околу 38 илјади евра).
Како што соопшти Царинската управа, осомничениот е српски државјанин, кој во својот ранец се обидел да внесе два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник, скриени во мала кожна кутија заедно со други предмети за лична употреба.
Часовниците, „Rolex Submariner“, „Rolex Sky-Dweller“ и „Omega Speedmaster“, биле откриени при детален преглед на возилото и патниците со српски регистарски таблички.
Против лицето е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, а запленетите предмети се предадени на Основното јавно обвинителство во Куманово.



