Неколку причини зошто вежбате, а не гледате никакви резултати

Секое тело различно реагира на вежбањето, па затоа на некој му е потребно само еден месец за да биде во „топ“ форма, а на некој му се потребни 6 месеци.
Вежбањето, пред сè, е добро за сечие здравје. Некои вежбаат од забава, некои затоа што сакаат да го намалат вишокот килограми, некои за да го зголемат бројот на нивните килограми, а некои, едноставно, за да практикуваат здрав начин на живот.
Многу често сите се соочуваат со проблем каде што вежбаат, а не гледаат никакви резултати.
Ние во продолжение издвоивме неколку најосновни причини и грешки кои ги правите при вежбањето и кои не ви дозволуваат да видите никаков напредок.
Зошто постојано напорно вежбате, а не гледате никакви резултати?
Диетата не ви е соодветна со вежбањето
Доколку вежбањето е 50% одговорно за изгледот на вашето тело, останатите 50% ѝ се припишуваат на исхраната. Можете да вежбате многу напорно, но доколку имате за цел да ги зголемите мускулите и масата, мора да водите „сметка“ во вашето тело да внесувате доволно масти и повеќе калории отколку што согорувате.


Доколку, пак, имате за цел да ги намалите килограмите, тогаш мора да се потрудите дневно да согорите повеќе калории отколку што внесувате. И здравиот начин на исхрана не подразбира јадење салати цело време, туку јадење сѐ, но во умерени количини.
Не спиете доволно
Сонот има големо влијание врз вашето тело и како тоа се однесува. Доколку не спиете доволно, а постојано вежбате, вашето тело на некој начин ќе ги саботира процесот и резултатите, а вие нема да гледате никакви промени на вас.
Исто така, недостатокот од сон и мамурлакот често знаат да нѐ „измамат“ да јадеме повеќе и да посегнуваме многу повеќе по слатки задоволства. Па затоа, доколку се соочувате со овој проблем, запрашајте се дали доволно време одвојувате за спиење.
Имате нереални цели
Многу често знаеме да го споредуваме нашето тело со нечие друго и да посакуваме да го добиеме истото „преку ноќ“.
Мораме да бидеме многу свесни и реални кога си ги поставуваме нашите цели при вежбањето, затоа што никој не успеал да се трансформира за еден или два месеца.
Мораме да уживаме во процесот и да му дадеме доволно време на нашето тело да ги прифати сите промени со кои се соочува.


Не му давате на телото денови за одмор
Доколку постојано напорно вежбате и не си давате денови за одмор, ќе ги преморите мускулите, па тие нема да сакаат да „соработуваат“ со вас и нема да покажат никакви резултати.
Секогаш потрудете се на секои 3-4 дена да си давате по еден ден за одмор.
Заборавате да се истегнете пред и по вежбањето и постојано ги правите истите вежби
Доколку сакате да видите резултати, вежбањето мора постојано да ви се менува, исто како и типот на вежби кои ги правите. Доколку постојано правите една иста вежба, вашиот организам станува „имун“ на таа вежба и не ја гледа како предизвик од кој ќе произлезат видливи резултати.
Никогаш не заборавајте да имате динамични и разновидни вежби и, исто така, не заборавајте да се истегнете пред и по вежбањето. Обично сите имаат навика да го прескокнуваат растегнувањето за време на вежбањето, но всушност тоа е клучот до вратата на успехот и резултатите.
За побрзи резултати, никогаш не го прескокнувајте растегнувањето на мускулите, пред и после секое вежбање.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.