Нема договор за минималната плата, од ССМ со порака работниците ќе ја дочекаат Нова Година со најниски плати

Нема договор за зголемување на минималната плата на денешната седница на Економско-социјалниот совет. По барање на Сојузот на синдикати беше поставено ова прашање иако го немаше на дневен ред на седницата.

Синдикатот бара зголемување на минималната плата поради зголемените трошоци за живот, во спротивно најавува порадикални чекори.
– Поканата кога ја добивме не беше во предвид да се разговара за минималната плата. Веројатно некој сакаше да си честитаме Нова Година денеска. На барање на ССМ се разговараше и плус за колетивното договарање. Внатре слушнавме лицитирање со зголемувањето на минималната плата – 600, 700, 800, дури и илјада евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата и да не повикаат нас, синдикатите. Предлагаме да го направат тоа најбрзо што може за да си ја честитаме Новата година на поинаков начин. Сите други синдикати внатре, за жал, беа неми и ја поддржаа Владата, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Од Владата велат дека не се против зголемување на минималната плата, но според нив, во моментот не е оправдано интерветното зголемување и ќе се чека на мартовското усогласување кога минималната плата би се зголемила од 1.500 до 2.000 денари. Владата останува на ставот дека ќе поддржат зголемување доколку за тоа се договорат синдикатите и работодавачите.
– Како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата. Економските параметри не покажуваат дека треба да интервенираме бидејќи ќе се соочиме со зголемување на инфлацијата, а малите претпријатија ќе се соочат со финансиски проблеми и ќе мора да отпуштаат работници, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.

Пронајдете не на следниве мрежи: