Нетанјаху одобри мировни преговори со Либан, но со два услови: „Сакаме мир што ќе трае со генерации“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека дал „одобрување“ за почеток на мировни преговори со Либан, но под јасно дефинирани услови.

Како што објавија меѓународните агенции, Нетанјаху изјави дека Либан во изминатиот месец постојано иницирал воспоставување директни разговори. Тој истакна дека Израел се согласува на преговори, но со две клучни барања.

„Дадов согласност, но под два услови: сакаме разоружување на Хезболах и сакаме вистински мировен договор што ќе трае со генерации“, рече Нетанјаху.

Во меѓувреме, канцеларијата на либанското претседателство објави дека амбасадорите на Израел и Либан во Соединетите Американски Држави договориле состанок во Вашингтон следната недела, со цел постигнување договор за прекин на огнот.

Од друга страна, либанските претставници нагласуваат дека за сериозен напредок во преговорите, потребно е да се запре насилството на терен.

Заменик-премиерот на Либан, Тарек Митри, за Би-Би-Си изјави дека преговорите можат да бидат „значајни“ само ако Израел ги запре воените напади.

„Не го користам зборот услов, но верувам дека за овие состаноци да бидат значајни, потребно е да се види барем некаков вид прекин на непријателствата, дури и ако е привремен“, рече Митри.

Тој додаде дека е невозможно да се водат сериозни преговори додека цивили се убиваат секој ден.

„Како да се водат сериозни разговори и да се подготват вистински преговори за сите прашања додека десетици и стотици луѓе се убиваат или рануваат? Ова мора да се запре, барем привремено, за да се овозможи конструктивен дијалог“, нагласи тој.

И покрај тензиите на терен, либанската делегација, како што е потврдено, ќе учествува на состанокот што ќе се одржи во вторник во американскиот Стејт департмент.
The post Нетанјаху одобри мировни преговори со Либан, но со два услови: „Сакаме мир што ќе трае со генерации“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: