Николовски: Дали институциите навремено и доследно ја извршувале својата законска обврска за контрола на храната?

Поранешниот министер за земојделство, Љупчо Николовски, упати неколку прашања до МЗШВ во врска со откриените разлики во млечните производи од страна на АХВ.

Во продолжение неговата објава на Фејсбук.

– Како претставник на граѓаните, а пред сѐ заради заштита на јавното здравје, чувствувам обврска и одговорност да реагирам во врска со скандалозниот увоз на млечни производи и констатираните неправилности кои ја вознемирија јавноста.

До Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Агенцијата за храна и ветеринарство ги поставувам следните прашања:

Дали во 2025 и 2026 година се спроведувал РЕДОВНИОТ мониторинг согласно Годишната наредба за извршување на ветеринарни мерки и контроли за заштита на јавното здравје?

Доколку се спроведувал, колку мостри од увезени млечни производи биле земени и анализирани за квалитет и безбедност, односно за присуство на млечна маст, растителни масти, млечни протеини, конзерванси, фосфати и за микробиолошка исправност?

Ако РЕДОВНИОТ мониторинг бил реализиран, како е можно неправилностите да не бидат откриени навреме, туку да се констатираат дури по ВОНРЕДНИОТ мониторинг, спроведен по реакциите и предупредувањата на домашните производители и преработувачи?

Со оглед дека се утврдени неправилности и кај домашни производители, дали воопшто бил спроведуван РЕДОВЕН мониторинг на квалитетот на млечните производи од домашно производство во текот на 2025 и 2026 година?

Граѓаните имаат право да знаат дали институциите навремено и доследно ја извршувале својата законска обврска за контрола на храната што секојдневно завршува на нивните трпези.

Ова се прашања на јавно здравје, безбедност на храната и институционална одговорност.

Дополнително, непостапувањето на институциите при контролата и мониторингот на увозот на млечни производи директно се одразува и врз домашното производство. Домашните млекопреработувачи се соочуваат со зголемени залихи, намален пласман и намален откуп на сурово млеко, што создава дополнителен притисок врз откупните цени.

Во комбинација со неисплатените субвенции за млечни крави и за произведено и предадено млеко, состојбата во сточарскиот сектор бележи сериозно влошување, а македонските фармери се оставени сами да се справуваат со неизвесноста и последиците од погрешните политики и институционалната неажурност.

Затоа барам Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш, целосно и транспарентно да ги објават сите резултати од редовните и вонредните контроли, како и сите преземени мерки.

Јавното здравје е над сѐ.

Одговорност мора да има.

Пронајдете не на следниве мрежи: