НИТУ ПАНДЕМИЈАТА НЕ ИМ МОЖЕ НИШТО – Банките оствариле добивка од речиси 118 милиони евра во 2020 година

Измина една од најтешките години во поновата историја. Кога сите се надеваа на нов почеток, бомбастично ја најавуваа 2020 година, беа поставени многу планови и активности кои требаше да се реализираат, на сцена стапи коронавирусот кој практично ја обележа годината.
Ковид-19 вирусот се појави како гром од ведро небо и остави силни последици врз целокупното функционирање како на луѓето, така и на самите институции, компании и крајно негативно се одрази врз здравјето на луѓето, ги наруши глобалните финансиски текови, ги намали економските активности и дојде до контракција на глобалниот економски систем.
Вниманието и активностите на сите надлежни фактори беше фокусирано на преземање мерки за зачувување на здравствената состојба на населението и на овозможување работни услови приспособени на новонастанатите околности.
Во ситуација кога голем број граѓани останаа без своите работни места, а компаниите се соочуваа со една од најтешките години од своето постоење со значително намалени приходи и буквално борба за опстанок до последен здив, банкарскиот сектор беше речиси имун на пандемијата и новиот опасен и смртоносен вирус КОВИД-19.
Профитабилноста на македонските банки од година во година расте, а изминатата 2020 година достигна вредност од неверојатни 7,25 милијарди денари или приближно 118 милиони евра покажуваат податоците на Народна банка. За споредба со претходната 2019 година, банките остварија профит од 6,68 милијарди денари кога немаше пандемија на коронавирусот, па оттука можеме да дојдеме до заклучок дека добивката на банките е зголемена за 567 милиони денари или 9,2 милиони евра за време на ковид кризата дури и покрај мораториумот односно шестмесечното одложување на кредитните обврски.
Профитот на банките се зголеми и покрај тоа што изминатата година, бројот на комерцијални банки се намали на 14, откако Народната банка на 12 август и ја одзема дозволата за работење на Еуростандард банка АД Скопје, поради недоволна капитализација и високо ниво на нефункционални кредити.


Од вкупно 14 банки колку што го сочинуваат банкарскиот сектор во земјава пет од нив се сметаат за големи со билансна сума од над една милијарда евра, шест се средни банки и три се мали.
Според најновите критериуми на Народната банка, во групата големи банки влегуваат оние банки чија актива е поголема од 664 милиони евра. Средните банки, треба да имаат актива поголема од 166 милиони евра и помала од 664 милиони, додека, пак, сите оние банки чија актива е пониска од 166 милиони евра, влегуваат во рангот на мали банки, и такви во земјава се три банкарски институции.
Според извештајот на Народната банка, над 57 проценти од банкарскиот бизнис им припаѓа на трите најголеми банки, Комерцијална банка, Стопанска банка АД – Скопје и НЛБ Банка. Додека, пак петте големи банки во земјава учествуваат со речисис 77 проценти во банкарскиот бизнис. Освен водечката банкарска тројка, други две големи банки во земјава според големината на активата се Халкбанк АД Скопје и Охридска банка. Средните банки зафаќаат 20,42 проценти од банкарскиот бизнис, а малите банки само 2,86 проценти.
Кога станува збор за профитабилноста, иако во целина профитот на банкарскиот сектор е зголемен во споредба со 2019 година, големите банки минатата година бележат значително намалување на добивката. Претходната година нивната добивка изнесувала 101,1 милиони евра, наспроти 113,3 милиони евра колку што изнесувала во 2019 година, што претставува намалување за 12,2 милиони евра.
Значајно зголемување на профитот има кај средните банки, а тука влегуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Северна Македонија.
Кога станува збор за малите банки, пак, нивната профитабилност е слична, односно само за 200 илјади евра е повисока во 2020 година, кога вкупно изнесувала 2,4 милиони евра, наспроти 2,2 милиони во 2019 година.
Банкарскиот сектор во земјава вбројува пет големи банки, шест средни и три мали банки.
Комерцијална банка, Стопанска банка АД-Скопје, НЛБ Банка, Халкбанк и Охридска банка се петте големи банки кои се движечка сила во банкарскиот сектор, следуваат ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка Македонија, УНИБанка, Стопанска банка а.д. Битола, Централна кооперативна банка, како и Развојната банка на Северна Македонија кои се вбројуваат во редот на средни банки и следуваат ТТК Банка, Силк Роуд Банка и Капитал Банка кои влегуваат во групата мали банки.

Извор: НИТУ ПАНДЕМИЈАТА НЕ ИМ МОЖЕ НИШТО! 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.