По Франција и некои други земји, истрагата против платформата X ја иницира и Велика Британија.
Британскиот медиумски регулатор „Офком“ денес отвори формална истрага против платформата „Х“ во сопственост на Илон Маск за да утврди дали компанијата ги исполнува своите обврски според Законот за безбедност на интернет и ги штити корисниците од нелегална содржина генерирана од вештачка интелигенција (ВИ).
Истрагата беше покрената по сериозните извештаи дека алатката Grok AI, интегрирана во платформата X, била користена за креирање и споделување неодобрени интимни слики и сексуално несоодветна содржина во која се вклучени деца (CSAM).
„Офком“ истражува дали X презел сите потребни чекори за да ги спречи корисниците од Велика Британија да гледаат нелегална содржина и да ја отстрани што е можно поскоро.
Покрај тоа, регулаторот сака да утврди какви мерки презел X за да ги заштити корисниците од кршење на законите за приватност, како ги проценил ризиците за децата и како имплементирал заштита од порнографска содржина за малолетни корисници.
„Извештаите за создавање и споделување нелегални интимни слики и сексуално несоодветна содржина во која се вклучени деца од страна на Grok се длабоко загрижувачки. Платформите мора да преземат соодветни мерки за заштита на корисниците во Велика Британија, особено децата“, изјави портпаролот на британскиот регулатор.
Доколку Офком утврди дека Х ги прекршил британските закони, може да побара платформата да ги почитува прописите и да надомести штета, но и да плати казна до 18 милиони фунти или 10 проценти од глобалните приходи на компанијата.
Во најтешките случаи, Офком може да побара забрана, да го блокира пристапот до платформата или да им забрани на британските фирми да обезбедуваат услуги за плаќање и рекламирање на X, според веб-страницата на регулаторот.
The post Нова истрага започната против X за нелегална содржина со вештачка интелигенција appeared first on Во Центар.



