Обвинение против сопственикот на обезбедувањето „Рубикон“ за пожарот во Пулс

  Обвинителството поднесе нов обвинителен акт против уште едно лице во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што животот го загубија 62 лица, а над 220 беа повредени. Новообвинетиот, реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, се товари за тешки дела против општата сигурност, поради сериозни пропусти во организацијата и спроведувањето на мерките за заштита во објектот. Обвинението е поднесено до Основниот кривичен суд Скопје, а обвинителството бара продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на постапката.
-И овој обвинет се товари за сопствен особен придонес, бидејќи заедно со повеќе одговорни и службени лица за кои веќе е поднесен обвинителен акт кој е во фаза на оценка, како и со други за сега непознати лица, не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери, стои во соопштението од Обвинителството.
Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување.
-Тие, иако имале сопственичка одговорност, не постапиле согласно чл.3 од Закон за приватно обезбедување, со тоа што не презеле мерки и активности заради спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и достоинството на личноста и имотот што се обезбедува и согласно чл.6 од Закон за приватно обезбедување, односно обезбедувањето го вршеле без да имаат склучено писмен договор за приватно – физичко обезбедување со корисникот на услугата –угостителски објект „Клуб Пулс“ и без воопшто да водат грижа, контрола и надзор при исполнување на обврските на лицата кои вршеле обезбедување на имот и лица, велат од обвинителсто.
Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлегло дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице.
-Од тие причини, иако истрагата за ова лице е завршена и доказите се обезбедени, јавните обвинители кои постапуваат проценија дека сѐ уште постојат одредени ризици за негово целосно обезбедување во текот на постапката. Имајќи предвид дека Судот, одлучувајќи по жалба на обвинетиот, веќе ја заменил претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор и со дополнителни забрани за напуштање на живеалиштето, за комуникација со одредени лица и одземање на патна исправа, јавното обвинителство до судот достави и предлог за продолжување на сите определени мерки и забрани, велат од обвинителство.
Во врска со пожарот во Кочани е поднесен обвинителен акт против 34 физички и 3 правни лица за тешки дела против општата сигурност.

Пронајдете не на следниве мрежи: