Основното јавно обвинителство во Струмица издаде наредба за поведување истрага против едно лице, поради сомнение дека се обидело да ја убие својата сопруга.
Осомничениот, 48-годишен, според информации од Обвинителството, на 26 ноември годинава, во семејната куќа во селото Просениково, при чин на семејно насилство, се обидел да ја убие својата сопруга.
„Ја зграпчил за главата и се обидел со шприц да ѝ вбризга одредена течност, најверојатно пестицид, во устата. Жртвата почнала да ја турка и да вреска, додека нивните две малолетни деца, кои биле во другата соба, дошле да ја заштитат мајка си. Жртвата успеала да влезе во бањата, но осомничениот ја следел, ја турнал во кадата и ја згмечил со коленото, а потоа почнал да ѝ нанесува посекотини со нож на вратот, во близина на каротидната артерија. Децата ги повикале роднините кои успеале да ја одвојат и спасат жртвата.“
„Во својата изјава пред обвинителот, жената потврди дека подолг период била жртва на физичко и психичко насилство од страна на нејзиниот сопруг, но не се осмелила да го пријави тоа“, соопшти Обвинителството, додавајќи дека обвинителот му предложил на судијата да му одреди мерка притвор на осомничениот.
The post Обвинителството покрена истрага против 48-годишен струмичанец, осомничен за обид за убиство на неговата сопруга appeared first on Во Центар.



