Одбележани 120 години од Националниот Ден на Власите во МНТ

Во Македонскиот народен театар во Скопје, се одржа централната прослава по повод одбележувањето на 120 години од Националниот Ден на Власите, носејќи го слоганот „120 години – Столб на балканската историја, сегашност и иднина“. Овој настан, организиран од Министерството за односи меѓу заедниците, беше отворен за јавноста со цел да се истакне важноста на влашката историја, јазик и култура за сите граѓани. Националниот ден се одбележува од 1991 година, изборот на 23 мај се должи на датумот од 1905 кога султанот на Отоманската империја, Абдул Хамид II, го призна влашкиот народот на 22 мај. Во Македонија, овој ден во 2007 година доби статус на државен празник. Академијата беше збогатена со културно-уметничка програма и јавни обраќања од значајни претставници на институциите.
На свеченоста која за првпат се одржа со поддршка на Владата, покрај премиерот Христијан Мицкоски, збор зедоа и вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и претседателот на Партијата на Власите во Македонија, Стерјо Папули. „Денешниот ден – 23 Мај, е историски важен за Власите и сите жители на Република Македонија. Овој ден ни овозможи признавање на основните човекови права, ден кога Власите за првпат беа признати како посебен народ. По повод 120 години од прогласувањето на документот ИРАДЕ, ние Власите ги добивме правата за образование и богослужба на мајчиниот јазик и други основни права. Власите се признати со сите права во Македонија и ние активно работиме на нивната имплементација. Се заблагодаруваме на Владата и Министерството за односи со заедниците што ни го овозможија овој достоинствен настан“, изјави Папули.
Премиерот изрази длабока благодарност и почит кон влашката заедница, акцентирајќи ја нејзината истрајност и историски придонес. „Стојам пред вас со длабока почит и благодарност кон заедницата која со векови е дел од нашето минато и идентиет. 23 мај е ден за славење на овој уникатен состав на нашата државност. Безусловно ја признаваме вредноста која Власите ја имаат во нашата земја. Историјата на Власите во Македонија е полна со достоинство и храброст. Не смееме да ги заборавиме нивните заслуги во прогласувањето на Крушевската Република, како и придонесот на истакнати личности како Питу Гули, интелектуалци, уметници и просветители. Ќе продолжиме со поддршка на наставата на влашки јазик и културни програми“, изјави Мицкоски.
Академијата започна со настап на хорот „Злата Мегленска“, кој ја изведе македонската химна и Ода на радоста. Програмата продолжи со учество на познати уметници како Марија Костова, „Бона Деа“, пејачката Елена Џика, детската група „Fiturlji di Shtip – Пеперутки од Штип“, дуото Леона и Ребела Јанкоски од Крушево, и популарните Александар и Дац. Врвот на вечерта беше настапот на групата „Армањ Пирифањ – Горди Власи“ од Скопје, кои донесоа силна емоција и гордост меѓу присутните. Настанот потсети дека Власите се нераскинлив дел од македонското културно наследство, со единаков придонес во сите општествени сфери од историјата до денес. Свечената академија претставува апел за поголема институционална поддршка и зајакнување на заедницата преку зачувување и ширење на нивната култура и јазик.
The post Одбележани 120 години од Националниот Ден на Власите во МНТ appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: