Одлуката да не го потпише указот за Законот за игрите на среќа е за жалење

Според партијата, образложението дека „европското знаменце“ при носењето на измените на законот било злоупотребено е приказна за мали деца и велат дека нема да се предадат во оваа битка бидејќи се убедени дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците

Пендаровски во дописот до претседателот на Собранието, во кој го известува зошто не го потпишал указот, наведува дека во одговорот што го добил од Делегацијата на ЕУ (ДЕУ) во земјава оцениле дека употребата на „европското знаменце“ при носењето на измените на Законот е несоодветна

Демократската унија за интрегација (ДУИ) остро реагира на одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за игрите и на среќа и забавните игри што Собранието ги донесе пред една недела, односно на 7 февруари.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и премиерот на преодната влада во друштво на своите сопартијци во Собранието / Фото: Фејсбук-страна на ДУИ

Во реакцијата, објавена на нејзината официјална фејсбук-страна, од партијата велат дека одлуката на Пендаровски е за жалење.

„Опозицијата две години по ред го блокираше Законот за оддалечување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца. Сите ги знаеме нивните мотиви. По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа Законот, кој го поздравија сите граѓани – Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и сите останати, а посебно мајките со пораки ‘ни ги спасивте децата’, како и здруженијата против коцкање“,

велат од ДУИ.

Според партијата, со одлуката да не го потпише указот, шефот на државата ја фрлил во корпа за отпадоци довербата на пратениците и на граѓаните кои ги поддржале измените и се ставил на страната на обложувалниците и казината.

„Довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и целата оваа битка за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата, Пендаровски ја фрли во корпата за отпадоци, ја одбра страната на обложувалниците и казината“,

наведуваат од ДУИ во реакцијата.

За партијата образложението дека „европското знаменце“ при носењето на измените на законот било злоупотребено е приказна за мали деца.

„Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата“,

се додава во реакцијата.

Од ДУИ велат дека нема да се предадат во, како што наведуваат, оваа битка и оти се убедени дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски / Фото: Архива

Шефот на државата Стево Пендаровски, како што соопштија вчера од неговиот кабинет, одлучи да не го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кои предвидуваат нови цени за лиценците за обложувачниците, како и објектите во кои тие се лоцирани да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.

Пендаровски одлуката ја донел по детална анализа на текстот на Законот и постапката во која тој беше донесен, а во оваа насока се консултирал и со Делегацијата на Европската Унија (ДЕУ) во земјава.

Оттаму, како што наведува Пендаровски во дописот до претседателот на Собранието Јован Митрески со кој го иозвестува зошто не го потпишал указот, оцениле дека употребата на европското знаменце при носењето на измените на Законот е несоодветна.

„…Затоа, а поаѓајќи од забелешките во последниот Извештај за напредок во однос на употребата на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како ‘процедура со европско знаменце’, во рамките на консултации се обратив и до делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори. Во одговорот што го добив од нивна страна е наведено дека ’тие нотирале дека Законот е усвоен во процедура што се базира на употребата на европското знаме’. Во ситуација на отсуство на суштинско ’аки’ (задолжително право на ЕУ), во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ‘ЕУ аки’ што може да биде релевантно, како и поради комплексноста и важноста на предметните прашања, тие сметаат дека употребата на процедурата со европско знаменце е несоодветна“,

наведува шефот на државата во писменото известување до претседателот на законодавниот дом.

Истовремено, од Делегацијата на ЕУ, додава Пендаровски, потсетиле на забелешката од последниот Извештај за напредокот на земјава за 2023 година, во кој е децидно наведено дека процедурата со европско знаменце треба да се користи единствено кога се работи за усвојување на закони што се директно поврзани со задолжителното право на ЕУ, а не да се скрати дебата за важни прашања.

„Апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш да размислат пред повторно да одлучуваат за овој закон“,

напишал претседателот на државата во известувањето до Митрески.

„360 степени“ вчера објави факсимил од одговорот на Делегацијата на ЕУ до Пендаровски.

Факсимил од одговорот од Делегацијата на ЕУ до кабинетот на Стево Пендаровски

Инаку, правото на шефот на државата одлучи да не потпише указ на закон е регулирано во членот 75 од Уставот на државата. Сепак, доколку при повторното одлучување по законот пратениците го изгласаат со апсолутно мнозинство (најмалку 61 пратени), претседателот на државата е должен да го потпише.

Според точката 3 од членот 38 од Законот за Собранието, ако претседателот не го потпише указот, законодавниот дом повторно го разгледува законот согласно Деловникот, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување.

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ вчера ја поздравија одлуката на претседателот на државата. Оттаму посочија дека доколку повторно има обид за носење на законот со сила, ќе организираат масовни протести.  

Пронајдете не на следниве мрежи: