Од 1 април контрамерки на ЕУ за американските царини за увоз на челик и алуминиум

Европската комисија (ЕК) потврди дека започнала брзи и пропорционални контрамерки за увозот од Соединетите Држави во Европската Унија (ЕУ) како одговор на воведувањето на новите, и како што ги смета „неоправдани“ американски царини за увоз на челик и алуминиум.„Комисијата жали за одлуката на САД да воведат такви царини, сметајќи ги за неоправдани, нарушување на трансатлантската трговија и штетни за бизнисите и потрошувачите, што често доведува до повисоки цени“, се вели во соопштението на ЕК.Претседателката на оваа институција, Урсула фон дер Лајен, прецизираше дека контрамерките ќе бидат воведени од 1-ви април, а целосно ќе стапат во сила од 13-ти април годинава.Таа изјави дека длабоко жали за оваа мерка.„Царините се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите. Овие царини ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие внесуваат несигурност во економијата. Работните места се доведени во прашање. Цените ќе растат и во ЕУ и во САД“, истакна претседателот на Европската комисија, фон дер Лајен. Таа посочи дека контрамерките што ги презема Брисел според неа се силни, но и пропорционални.„Додека САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Тоа одговара на економскиот опсег на американските царини“, рече фон дер Лајен.Претседателката на ЕК изрази подготвеност за натамошни преговори и „смислен дијалог“ со нејзините американски соговорници бидејќи смета дека во свет полн со геополитички и економски неизвесности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме економиите со царини.Ноќта меѓу 11 и 12 март стапија на сила царините за увоз на челик и алуминиум во САД.Мерката го зголемува паушалот за челик и алуминиум што влегуваат во САД на 25 проценти и ги елиминира сите ослободувања на земјата од давачките.Европската Унија и Соединетите Држави се меѓусебни најголеми трговски партнери. Тие имаат најголеми билатерални трговски и инвестициски односи во светот и ги уживаат најинтегрираните економски односи во светот.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.