Министерството за здравство ги информира граѓаните дека е извршено годишно прилагодување на максималните цени на лековите за 2026 година, во согласност со важечката методологија за формирање на цените.
„Цените на лековите се клучен инструмент за обезбедување прифатлива терапија за граѓаните и одржливост на здравствениот систем, затоа нивното одредување е стратешка одлука со директно влијание врз јавните трошоци за здравство“, објаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Врз основа на анализи и преговори, се утврдени намалувања на максималните цени на лековите таму каде што постојат соодветни пазарни индикатори.
Одлуките со новите максимално намалени цени се објавени на веб-страницата на Министерството, при што е постигнато намалување за:
156 оригинални лекови, 174 генерички лекови, 13 лекови од интервентен увоз.
Новите цени ќе почнат да важат од 1 мај оваа година, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги прилагодуваат цените во трговијата на големо и мало.
Особено го истакнуваме намалувањето на цената на лекот „Ксарелто“ (ривароксабан), кој се користи во третманот на кардиоваскуларни заболувања.Постигнато е значително намалување на големопродажната цена на овој лек:
за таблети од 15mg и 20mg: од 2.307,48 денари до 1.606,10 денариза таблети од 10mg: од 824,10 денари до 589,45 денари.
„Оваа мерка обезбедува поголема достапност на терапијата за пациентите, особено имајќи предвид дека станува збор за лек кој често се купувал во странство поради пониските цени“, нагласи министерот Алиу.
Министерството за здравство информира дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, од кој се очекува дополнително да се олеснат трошоците за пациентите преку одреден надомест од државата, а пациентот ќе има право да избере лек од друг производител.
The post Од 1 мај, пониски цени ќе важат за над 300 лекови appeared first on Во Центар.



