Пратениците од опозицијата денеска не добија одговор каде е вицепремиерот за добро владење Арбен Фетаи. Пратеничката Даниела Николова од СДСМ побара негово присуство на седницата за пратенички прашања за да му постави прашање.
Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски рече дека сите министри се поканети, но дека вицепремиерот Фетаи не испратил известување дали ќе учествува на седницата.
И предложи на пратеничката Николова ако сака да го достави прашање во писмена форма.
– Еден функционер кому работна задача му е одговорност и добро владеење самиот стана симбол на неодговорност, на непочитување на пратениците, на непочитување на граѓаните и на државата. Работник ако не се појави на работното место ќе добие отказ. Административец ако не оди на работа ќе го изгуби работното место, на наставник ќе му биде одбиено од плата и ќе треба да ги надомести часовите ако не дојде на работа, но на вицепремиер кога не оди на работа изгледа сѐ му е дозволено. Платата, привилегиите, патувањата и фотографии на социјалните мрежи си течат, а одговорност нема. Граѓаните секојдневно слушаат од Владата и од премиерот за одговорност, реформи и за добро владеење. За кого важи ова правило, за обичните луѓе, а за функционерите важат поинакви правила. Тоа не е непочитување само кон пратениците, туку и кон граѓаните од кои вицепремиерот Фетаи зема плата, рече Николова.
Фетаи веќе извесен период не се појавува на владини седници, а сподели фотографија од Тајланд на социјалните мрежи.
Премиерот Христијан Мицкоски во април изјави дека вицепремиерот Фетаи најавил повлекување од Владата и дека сака кариерата да ја продолжи во Брисел. Неговите контакти, како што тогаш изјави Мицкоски, може да се искористат преку евентуален ангажман како специјален пратеник.
The post Опозицијата го бараше вицепремиерот Фетаи, не доби одговор дали зема плата и кој му ги плаќа патувањата appeared first on Provereno.



