Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес изврши увид во градежните активности за доградба на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“. Проектот во моментов се наоѓа во напредна фаза на реализација.
Карабината на новата доградба е целосно завршена, поставени се потребните инсталации, а во моментов активно се работи на уредување на внатрешноста на просторот, информираат од општината.
Новиот училишен простор се простира на околу 560 квадратни метри и опфаќа шест нови училници и современи санитарни јазли. Проектот се реализира со поддршка од Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука преку програмата за капитални инвестиции во општините, како дел од успешната и континуирана соработка помеѓу локалната и централната власт.
– Доградбата на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ напредува со навистина одлична динамика. Градежните работи на карабината се комплетирани, инсталациите се поставени, а сега фокусот е целосно насочен кон внатрешното уредување на новите простории. Oвој проект е најубав доказ за тоа какви резултати можеме да постигнеме кога постои заедничка визија и силна поддршка од централната власт. Заедно инвестираме во она што е најсуштинско, во подобри услови за настава, во квалитетно образование и во сигурна иднина за нашите деца-изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
The post Општина Кисела Вода: Нови 560 квадрати училишен простор, напредува доградбата на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ appeared first on Во Центар.



