Организација на CASSINI Хакатон во Македонија за првпат

Скопје ќе стане централно место за иновации во сферата на вселенската технологија и здравството преку одржувањето на деветтото издание на CASSINI Хакатон, кое ќе се одржи од 16 до 18 мај 2025 година. Овој значаен настан ја поврзува нашата земја со престижната европска иницијатива, која се спроведува во 10 европски градови паралелно. Настанот ќе се одвива во ИТ хабот Netaville, познат како центарот на ИТ заедницата во Скопје.
Темата на хакатонот е „Вселената во служба на здравството“ (анг. Space for Healthcare), која ќе ги поттикне учесниците да користат технологиите на далечинско набљудување на Земјата, сателитската навигација, како и просторните податоци за развој на решенија кои адресираат реални здравствени предизвици. Акцентот ќе биде ставен на: следење и одговор на болести и здравствени закани, подобрување на итните медицински услуги, како и унапредување на менталното здравје и благосостојба.
Овој хакатон е дел од CASSINI серијата на хакатони, иницијатива на Европската комисија која ја реализира Агентството за вселенска програма на ЕУ, со цел поттикнување на иновациите и практична употреба на вселенските технологии низ Европа. Учеството е отворено за сите, вклучувајќи програмери, дизајнери, медицински професионалци, студенти, претприемачи и ентузијасти за вселената, без потреба од претходно искуство во вселенската технологија.
Регистрираните учесници ќе имаат пристап до ментори и обуки, како и најсовремени вселенски податоци од европските системи за набљудување и навигација како Copernicus, EGNOS и Galileo, кои овозможуваат прецизна навигација и набљудување на Земјата.
За најиновативните решенија на локално ниво предвидени се награди, вклучувајќи 3000 евра од G+D Netcetera. На европско ниво, наградите се 5000 евра за првото место, 3000 евра за второто и 1000 евра за третото, како и 100 часа менторство за победничкиот тим. Учесниците ќе имаат прилика да придонесат кон општеството, да ја унапредат здравствената заштита и да се вмрежуваат со водечките фигури од космичката, здравствената и технолошката заедница.
Организаторите на настанот вклучуваат конзорциум од организации како G+D Netcetera и Здружението за вселенски развој, заедно со многу други партнерски и поддржувачки организации од македонската здравствена, академска и бизнис заедница. Учество на овој хакатон ги демонстрира македонските иновативни способности и потенцијал за примена на вселенските науки и технологии во различни области.
The post Организација на CASSINI Хакатон во Македонија за првпат appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: