Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ја пренесе пораката до присутните на отворањето на Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, кој ќе прерасне во ново седиште на македонската култура, јазик, уметност и традиција во пријателска Србија. Поставувањето на македонскиот културен центар на „Македонска“ улица не е случајност, туку демонстрација на поврзувањето што културата го овозможува меѓу државите и луѓето. Овој простор отвора нови перспективи за соработката помеѓу двете земји, заснована на доверба и заеднички вредности, поттикнувајќи културна размена.
Нашата музика, театар и традиции имаат посебно значење за српскиот народ, а оваа вечер го потврди тоа. Центарот, истовремено, ќе служи како духовен дом за македонската заедница во Србија, просторот каде ќе се чува и развива идентитетот и ќе се градат нови пријателства и иницијативи. Изразувам огромна благодарност до српскиот министер за култура, мојот пријател господин Салаковиќ, за неговата постојана поддршка, како и до Васко Шутаров, за неговиот труд во остварувањето на оваа визија. Исто така, огромна благодарност до сите вас, пријатели, што сте со нас за да споделиме оваа радосна културна пригода. Ова е само почеток, пред нас стои уште многу работа и радост. Културната светлина нека биде наш водич, а пријателството нашата основа. Ви посакувам добредојде во ова ново културно патување, порача Љутков.
The post Отворање на Македонски културен центар во Белград на улица „Македонска“ appeared first on 365.mk.


