ОТФРЛЕНИ СИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ ОСПОРУВАШЕ НОВИОТ СИСТЕМ: Уставните судии дадоа зелено светло за „Безбеден град“

Отфрлени се сите иницијативи со кои уставно и законски се оспоруваше новиот систем „Безбеден град“ за контрола на сообраќајот во Скопје, Куманово и Тетово, одлучија уставните судии на денешната седница. Според судиите, системот не предизвикува нееднаквост на граѓаните на начин на кој го наведоа подносителите на повеќе иницијативи. За подносителите беше спорно тоа што во службената комуникација на МВР со граѓаните не се користи и албанскиот јазик како службен јазик во државата, тоа што системот се спроведува само во Скопје, Тетово и во Куманово како и тоа што со овој проект се наметнува законска обврска на сите граѓани да имаат личен телефонски број и електронска адреса.

Одлуката беше донесена откако судиите, зависно од нивната етничка припадност, имаа различни ставови околу тоа дали се нарушени правата на одреден дел од граѓаните. Судијката известител Ана Павловска-Данева на почетокот на седницата рече дека смета оти иницијативите треба да бидат отфрлени.

–Во кривичната и во прекршочната постапка се гарантира употребата на јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението. А во однос на обврската да се има мобилен телефон и електронска пошта, судот нема надлежност да се изјаснува во однос на примената на некој закон. Во 2021 година, уставните судии не поведоа постапка за проектот „Компјутер за секое дете“, кога беше оспорено тоа што секое дете немаше пристап до компјутер. Државата треба да обезбеди услови за тоа. Обврската да се има електронска адреса, на пример, во парнична постапка, произлегува од тоа да се забрзуваат постапките – објасни Павловска-Данева.

Наспроти ова, судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари сметаа дека се нарушени правата на одреден дел од граѓаните.

– Врз основа на Амандманот 5, албанскиот јазик, исто така, е службен јазик и решенијата од Законот за прекршоците треба да бидат усогласени со тоа. Односно, мора да се обезбеди службена употреба на јазикот кој го зборуваат 20 проценти од населението. А со одредбите од Законот за прекршоци не е уредено на кој јазик се врши комуникација, а тоа е потребно, рече Насер Ајдари.

Слично на ова, судијата Осман Кадриу рече дека стекнато право не може да се стеснува.

– Ако Уставот гарантира, а во Законот за прекршоците не се вградува правото на употребата на јазикот, тогаш уставната гаранција останува само список на добрите желби. Во сите акти со кои се информираат прекршителите, го нема албанскиот јазик – нагласи Кадриу.

Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, беше категоричен во ставот дека нема нарушување на уставноста и на законитоста.

Пронајдете не на следниве мрежи: