Охриѓанецот Марко Пејчиновски ќе плива ултра маратон за лицата со ретки болести

Тринаесетгодишниот охриѓанец Марко Пејчиновски денеска го стартува својот ултра маратон, во кој ќе се обиде да преплива 64 километри во водите на Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум до Струга и назад до Охрид, во знак на поддршка на лицата со ретки болести.
Маратонот почнува во 15 часот од кај Градското пристаниште во Охрид, а предвидено е кружната патека преку езерото да ја заокружи утревечер на истото место.
Марко Пејчиновски минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што се вмеша меѓу легендите на пливачкиот маратон. За тој подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и “Златна Буба мара на популарноста“. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.
Инаку, за престојниот негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја што се продаваат по цена од 300 денари, а целиот приход собран од продажбата е наменет за помош на лицата со ретки болести.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.