Палестинците во Ерусалим принудени да ги урнат сопствените домови за Израел да може да изгради „тематски парк“

Во населбата ал-Бустан во Источен Ерусалим, палестинските семејства ги уриваат своите куќи за да ги избегнат високите трошоци што би им ги наплатиле градските власти пред најавениот развој на тематскиот парк „Кингс Гарден“.

Во изминатите две години, повеќе од 57 куќи се срушени во ал-Бустан, дел од поширокиот округ Силван, а најмалку осум се закажани за рушење во наредните недели. Во оваа област е планирана изградбата на библискиот тематски парк „Кингс Гарден“, за кој се тврди дека се наоѓа на местото каде што престојувал кралот Соломон пред три милениуми.

Џалал ал-Тавил гледал како трактор што го изнајмил ги уништува последните остатоци од куќата што неговиот татко ја изградил на местото на домот на неговите баба и дедо, објавува „Гардијан“ .

„Ова е нешто навистина тешко. Ова е нешто горчливо“, рече тој.

Тој изјави дека општината го предупредила дека уривањето извршено од градските работници ќе чини 280.000 шекели, додека сопствената механизација и работна сила чинат помалку од една десетина од таа сума.

Истражувачот на организацијата „Ир Амим Авив Татарски“ оцени дека „ал-Бустан“ покажува бришење на палестинското присуство од географијата и историјата на Ерусалим.

„Израел не е подготвен да ја признае двонационалната, мултиетничката и мултикултурната реалност на Ерусалим и ги брише пред сè Палестинците, но всушност сè што не е еврејско, а потоа го покрива со оваа дизнифицирана глупост“, рече тој.

Жителите велат дека немаат каде да одат. Мохамед Квајдер, татко на шест деца, рече дека ако нивната куќа биде целосно срушена, тие ќе постават шатор и ќе останат на земја. Неговата 97-годишна мајка, Јусра, била раселена неколку пати претходно, прво од Јафа во 1948 година, потоа од Јала во 1967 година, а потоа од Стариот град Ерусалим во почетокот на 1970-тите.

Општината Ерусалим не одговори на барањето на „Гардијан“ за коментар, но претходно му соопшти на порталот +972 дека паркот се гради „за доброто на сите жители на градот“ и дека куќите во ал-Бустан се изградени нелегално. Претставниците на заедницата го отфрлаат таквото објаснување и тврдат дека некои згради се постари од израелската окупација на Источен Ерусалим, како и дека на палестинските жители со години им се одбиваат градежни дозволи.

The post Палестинците во Ерусалим принудени да ги урнат сопствените домови за Израел да може да изгради „тематски парк“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: