Пендаровски: Независноста не ни е подарена туку е дело на многу генерации водени од идеалот за сопствена и слободна држава

Со честитка по повод Денот на независноста – 8. Септември излезе и екс-претседателот на државата, Стево Пендаровски. Тој порача дека да се има независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Потенцира дека никогаш не треба да го заборавиме фактот дека независноста не ни е подарена, туку дека таа е дело на многу генерации водени од идеалот за сопствена и слободна држава.

-Македонија напредува кога нејзините граѓани ја чувствуваат како свој заеднички дом, без привилегирани и понижени поединци, и кога се стреми да биде вистински интегрирана во западната заедница на народите.

За да живееме во просперитетна земја со која ќе се гордееме значи да се почитуваме меѓу себе, да разбереме дека поинаквиот од нас не е наш непријател, дека политиката е борба за идеи и концепти за подобар живот, а не борба на живот и смрт, нагласува екс-шефот на државата, објаснувајќи дека вистинските патриоти ги почитуваат законите, домаќински ги користат националните ресурси и им даваат пример на младите за тоа што значи да бидеш доблесна и одговорна личност.

-Ако успееме да го канализираме целокупниот наш потенцијал никој нема дилема дека имаме сили, имаме знаење и енергија, имаме паметни млади луѓе кои ќе ја направат Македонија уште подобро место за живеење. Нека ни е честит јубилејот – 35 години независна држава, да си исчекаме уште многу такви јубилеи во годините пред нас! За многу години нека ни е Денот на независноста, објави Пендаровски на социјалните мрежи.

Пендаровски беше претседател на државата од мај 2019 до мај 2024 година, како кандидат поддржан од СДСМ, ДУИ и останатите коалициски партнери на тогашната влада. Претходно, тој беше Национален координатор за подготовка на Македонија за влез во НАТО, а од 2016 до 2017 беше пратеник во Собранието. Во неговата кариера, краток период беше и претседател на Државната изборна комисија, а работеше и како советник во претседателските кабинети на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Пронајдете не на следниве мрежи: