Пешевски: Политика е кога работникот нема пари за лекови и храна

Протестот на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата за најмалку 600 евра и на сите останати плати за 100 евра заврши вчера. И пред одржување на протестот, а и потоа, не изостанаа политичките препукувања, а премиерот и неговата матична партија останаа на ставот дека протестот е политички мотивиран.
Претседателот на Синдикатот за градежништво во отворено писмо до премиерот порачува дека политика е кога работникот нема пари за лекови, кога ќе го отвори фрижидерот, тој да е празен, кога македонските работници работат за најниска плата во Европа.
– Вие арогантно стоите пред камерите во костум кој чини 2.000 евра. На раката носите часовник кој вреди повеќе од годишната заработувачка на една текстилна работничка. Додека вие го местите тој скап часовник, македонските работници бројат колку денови им остануваат до исклучување на струјата. Премиере, вие немате право да ни зборувате за политика. Вие сте тој што е „политички мотивиран“. Вие сте мотивиран од газдите во чиј скут седите. Вие сте мотивиран од профитите на оние кои нè држат во беда, за вие да можете да живеете во луксуз.
Ние не сме тука за да ја срушиме владата заради некоја партија. Ние сме тука затоа што вие ни го срушивте достоинството. Затоа, не нè прашувајте кој стои зад нас, вели Иван Пешевски.
Зад нас, додава Пешевски, стои понижениот работник.
– Државата што го замолчува работникот, а си дозволува комфор и раскош како да нема криза ќе се соочи со гневот на народот. Не запираме и не се откажуваме.
И последно ви порачуваме. Не се обидувајте да не делите, не праќајте емисари да не заплашите затоа што веќе нема што да изгубиме. Го бараме само она што ни следува, достоинствен приход за нашиот труд. Од тоа нема да се откажеме, стои во писмото.

Пронајдете не на следниве мрежи: