Пленарна седница за интерпелацијата на јавниот обвинител Коцевски

Собранието денеска во рамки на 64. седница се очекува да ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, а на дневен ред на седницата е и интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител  – Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската Левица.
Засега се знае дека за интерпелацијата ќе гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштила како ќе се изјасни, а ДУИ најави дека тоа ќе го направат денеска.
Левица во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието, Гаши, посочува дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.

-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владее нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани се и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.

Пронајдете не на следниве мрежи: