Повторно македонските универзитети ги нема на Шангајската листа

На врвот на листата повторно доминираат американските универзитети. Харвард е рангиран на првото место, Стенфорд на второто, а Институтот за технологија Масачусетс (МИТ) на третото, што е идентичен пласман како и изминатите две години. Од Балканот највисоко на листата е Белградскиот универзитет

 

Организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“ го објави Академското рангирање на светските универзитети за 2025 година, познато како „Шангајска листа“. И годинава, меѓу најдобрите илјада универзитети во светот, нема ниту една високообразовна установа од Македонија.
На врвот на листата повторно доминираат американските универзитети. Харвард е рангиран на првото место, Стенфорд на второто, а Институтот за технологија Масачусетс (МИТ) на третото, што е идентичен пласман како и изминатите две години. На четвртото место е Кембриџ од Обединетото Кралство, додека петтата позиција ја зазема Калифорнискиот универзитет – Беркли.
Србија и годинава има претставник на листата и тоа Белградскиот универзитет, кој се наоѓа на позициите помеѓу 401 и 500 место. Рангот му останува ист како и минатата година и е највисоко пласиран универзитет од балканските земји.
Љубљанскиот универзитет се наоѓа на позициите меѓу 501–600. И овој пласман е непроменет во однос на ланската ранг-листа.
Хрватска го има Загрепскиот универзитет, кој годинава бележи пад и се наоѓа меѓу 601 и 700 место, за разлика од лани кога беше рангиран помеѓу 401 и 500 место.
Грција е на листата меѓу најдобрите 1000 со четири универзитети. Највисоко котираат Аристотеловиот универзитет во Солун и Националниот и каподистријански универзитет во Атина (601–600), потоа следува Универзитетот во Крит (801–900), а на последно место е Универзитетот во Патра (901–1000).
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека очекува во овој мандат на владата македонските универзитети „да се приближат напред кон првата илјадарка на Шангајската листа”.
 „Шангајската листа“, позната и како Академска ранг-листа на светските универзитети (ARWU), ги оценува високообразовните институции врз основа на истражувачките перформанси  .

Пронајдете не на следниве мрежи: