Скопјани кои користат јавен превоз денеска и утре треба да бидат подготвени дека можеби ќе треба подолго да чекаат автобус, затоа што од ЈСП Скопје најавуваат дека можно е отстапување од возниот ред. Па така доколку досега, со превозот таков каков што е, граѓаните чекале автобус по 15-тина минути, сега нека се „наоружаат“ со повеќе трпение.
Причината за можните отстапувања е прекинот на испорака на природен гас, иако, како што е познато, најголемиот број автобуси од градскиот превоз возат на нафта.
Согласно добиената информација од НОМАГАС АД Скопје, дека ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија до 17.10.2025 година, ве известуваме дека се можни отстапувања од возниот ред. Доколку бидеме информирани за евентуални промени околу времетраење на прекинот, навремено ќе бидете известени. Благодариме на разбирањето – ги информира денеска ЈСП „Скопје“ граѓаните.



