Поддржувачи на Орце Ѓорѓиевски веќе слават кај Порта Македонија

Симпатизери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва се собираат кај Порта Македонија во центарот на Скопје. Како што забележуваат екипите на „Слободен печат“, граѓаните признаваат дека дојдени се со цел да ја прослават изборната победа на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, иако официјалните резултати се далеку од конечни.

На местото веќе се забележуваат партиски и државни знамиња, а меѓу присутните се слушаат разговори дека победата на Ѓорѓиевски е сигурна. Дел од симпатизерите велат дека излегле да ја прослават „новата победа на Скопје“.

Во меѓувреме, пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ е поставена бина, а се пуштаат и патриотски песни. На локацијата има мал број партиски членови кои го следат изборниот развој и се подготвуваат за можната прослава.

Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција изјави: „На крајот од овој значаен изборен ден, можеме со гордост да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денес, нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин“.

Извор: Слободен печат

Пронајдете не на следниве мрежи: