Пожарот кој деновиве гореше на депонијата во Трубарево е целосно изгаснат, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Според него, целата површина е затрупана со песок и земја, а утрово кога се појавило слабо чадење, веднаш било интервенирано со специјална пена и дополнително дозатрупување.
„Останати се дежурни екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита и доколку се утврди било какво ново чадење, тие веднаш ќе интервенираат,“ изјави Ангелов.
Во однос на состојбата на депонијата Дрисла, Ангелов посочи дека таа е „драстично подобрена“. Останува уште еден мал дел да биде дозатрупан, а се очекува во текот на попладневните часови и тоа да биде завршено.
Со овие активности, како што најави директорот, двата пожари кои ги зафатија депониите во Скопје ќе бидат целосно затворени.



