Пожарот на косовската граница не се смирува, чадот вечерва го задуши речиси цело Скопје

Големиот шумски пожар кој денеска избувна на косовска територија, во близина на граничната линија со Македонија, а се прошири кон скопското село Грачани, и вечерва гори, а силна миризба на чад се чувствува во повеќе делови од Скопје.

Според надлежните, пожарот тешко се гасне поради непристапниот терен, а косовските власти денеска побараа помош од нашите служби, кои испратија хеликоптер да помогне со гаснењето на територијата на Косово. Гори сува трева, ниска вегетација и шума, а огнената линија на моменти достигнувала должина и од пет километри.

Македонски хеликоптер за првпат гасне пожар во странство, ангажиран е во Косово

Попладнето и вечерва биле ангажирани пожарникари од Скопје, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два „ер трактори“ кои интервенирале од воздух.

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов денеска информираше дека пожарот се приближил до селото Грачани, а со помош на авионите, огнената линија била пресечена на критичните места за да се спречи ширење кон селото. Околу 18:30 часот, надлежните објавија дека гори на косовска територија, но не и во Македонија.

Но, чадот од пожарот вечерва силно се чувствува низ речиси цело Скопје, а граѓаните велат дека во некои населби морале да ги затвораат прозорите на домовите поради неиздржливата миризба.

Пронајдете не на следниве мрежи: