Помилуваните за 27 април бараат 2 милиони евра за адвокатски трошоци

Приближно два милиона евра од државата побарале помилуваните за 27 април, дознава “А1 ОН“. Станува збор за адвокатските трошоци за судењето, во кои влегуваат трошоци за одржаните рочишта, поднесоците и другите адвокатски услуги, а се на товар на државата бидејќи за обвинетите е запрена кривичната постапка, пишува “А1.ОН“.
За овој предмет се одржуваа и по неколку рочишта неделно, кои, поради притворите и бројот на обвинетите, траеја до доцна во ноќта. Сумите, како што дознава “А1 ОН“, се движат од стотина илјади евра од адвокат.
Според Законот за кривичната постапка, кога ќе запре постапката или кога ќе биде донесена пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или, пак, со која се одбива обвинението, трошоците на обвинетите и наградата на адвокатите се на товар на буџетот на државата.
Помилуваните обвинети преку своите адвокати за настаните од 27 април побарале од претседателката на Судечкиот совет, Добрила Кацарска, државата да им ги надомести трошоците за судењето во предметот КОК 40/18.
Судијката од одделението за организиран кримиинал и корупција при Основниот кривичен суд, Добрила Кацарска, која го судеше предметот, за “А1 ОН“ потврди дека такви барања од адвокатите стигнале, но дека таа трипати досега им го одбивала барањата.
– Ги одбив затоа што сметам дека не им следуваат. Тоа е милост на државата. Не ми паѓа на ум за кривично дело за кое има докази да им ги прифатам барањата. Кривичниот совет со чудни образложенија ми ги враќаше решенијата…, рече Кацарска. Неизвесно е каква е одлуката на кривичниот совет, дали останува сумата што била првично побарана или тој износ е понизок.
Во кривичниот совет, кој ѝ ги враќал решенијата на Кацарска, како што дознава “А1 ОН“, се претседателот на судот, Иван Џолев, Васка Николовска-Масевска и судијата Огнен Ставрев.
“А1 ОН“, според Законот за слободен простап до информациите од јавен карактер, од Кривичниот суд ги побара решенијата за исплата на трошоците за адвокати, за лицата за кои е донесена одбивателна пресуда. Судот ден пред истекот на рокот за одговор достави информација дека одбивателни пресуди во случајот не се донесени и дека се донесени само решенија за запирање на постапката од кривичниот совет. “А1 он“ вторпат испрати ново барање за решенијата за исплата на овие трошоци од Кривичниот совет и ги очекува одговорите.
Основицата за ова кривично дело за кое е предвидена затворска казна над 15 години, според адвокатката тарифа, е 18 илјади денари. На тие 18 илјади денари за секое дејство се додаваат 30 отсто на име паушал и 20 отсто на име саатница. Тоа значи дека основицата е 28.080 денари за 1 час. За секој нареден час се плаќа 20 отсто од наградата за предвиденото дејство. Дополнително, во поднесокот во кој има повеќе учесници наградата се зголемува 50 отсто за секое наредно лице, но не повеќе од петпати од предвидената награда.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.