Тепачка на соседи во виенскиот кварт Флоридсдорф, ескалирала во брутална физичка пресметка во саботата, а баналната причина била канта за ѓубре, објави австриски „Вол“.
Во инцидентот се повредени Македонецот и неговата сопруга, а полицијата уапсила 48-годишен маж кој имал ниво на алкохол во крвта од 3,28 промили.
Според полицискиот извештај, сè започнало околу 15 часот кога 44-годишен маж од македонско потекло се обидувал да го изнесе ѓубрето. Во тој момент, без причина, неговиот пијан сосед, 48-годишен Австриец, го нападнал. Го соборил Македонецот на земја, го шутирал, го давел и го удрил од ѕид.
Во обид да ја спречи тепачката, интервенирала и 42-годишната сопруга на нападнатиот маж, но насилникот сосед ја удрил во лицето, по што ѝ се заканил на брачната двојката со нож.
Врисоците го разбудиле и нивниот 19-годишен син, кој, бранејќи ги своите родители, зел палка и метален боксирач и се обидел да ги одбрани родителите. Покрај пијаниот напаѓач, ќе одговара и синот на Македонецот, поради оружјето кое го користел, пренесуваат австриските медиуми.



