Поранешен градоначалник стана газда на фирма која направи добивка од 230.000 евра во првата година

Борче Спасовски, доскорешниот градоначалник на Ранковце од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од почетокот на месецот за прв пат станува сопственик на фирма која била основана додека тој ја водел општината и веднаш покажала метеорски успех додека бил во тек неговиот мандат.

Квалитет Лукс е основана во декември 2023, додека Спасовски бил на чело на Општина Ранковски, а потоа веднаш во 2024 фирмата прикажува годишен приход од 375.000 евра и добивка од 230.000 евра. Дејноста на компанијата е „чистење згради и индустриско чистење“

Пред да стане градоначалник во 2021, Спасовски се кандидираше како сопственик на Динамит-БС, компанија која работела со месо и месни преработки и имала околу 30-тина вработени, но годишните билански покажуваат дека таа фирма ни одблиску не го достигнала профитот на новооснованата Квалитет Лукс, Во кампањата за локалните избори во 2021 беше објавено и тоа дека Спасовски поседува свои маркети.

Спасовски од овој месец е нов сопственик на Квалитет Лукс на местото на Горица Спасовска, а дел од сопствеништвото и раководството досега биле извесни Андреј и Адријана Павловски. Актуелен победник, односно градоначалник на Ранковце е Даниел Павловски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ. Противкандидатот на локалните избори во 2025, Даниел Крстевски, преку социјалните мрежи тврдеше дека токму Павловски е основач на Квалитет Лукс.

– Она што е симптоматично е фактот дека фирмата „Квалитет Лукс“ експресно, за само една година постоење, успеа да оствари профит од речиси 14 милиони денари, односно над 230.000 евра добивка. Уште поинтересно е тоа што основач на оваа фирма – иако сега не фигурира како сопственик – бил токму сегашниот кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

И уште поважно: Како е можно фирма со дејност 81.220 – „Останати дејности за чистење згради и индустриско чистење“ – да оствари профит од над 230.000 евра уште во првата година од своето постоење?, реагираше тогаш Крстевски.

Спасовски во претходниот мандат беше еден од најимотните градоначалници според она што му беше пријавено во анкетниот лист пред Државната комисија за спречување корупција. Пријавил 20.000 евра годишна дивиденда, земјиште со вкупна вредност од околу 160.000 евра во Ранковце, како и три деловни простории кои вредат околу 70.000 евра. Имал и стан од околу 30.000 евра во Крива Паланка.
The post Поранешен градоначалник стана газда на фирма која направи добивка од 230.000 евра во првата година appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: