Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и долгогодишен дипломат на ОН, Николај Младенов, ќе ја преземе функцијата генерален директор на таканаречениот Мировен совет, структура вклучена во планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Појасот Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, цитиран од Асошиејтед Прес.
Според планот, Мировниот совет треба да ги надгледува активностите на новата технократска палестинска влада – разоружувањето на Хамас, распоредувањето на меѓународните безбедносни сили, понатамошното повлекување на израелските трупи и процесот на обнова на Газа.
Објавата доаѓа откако Младенов се сретна со Нетанјаху и израелскиот претседател Херцог во Ерусалим. Израелскиот премиер објави информации за назначувањето, заедно со фотографии и видео од неговиот разговор со Младенов, опишувајќи го како „назначен“ шеф на телото кое ќе го надгледува спроведувањето на втората, значително посложена фаза од прекинот на огнот.
Досега нема официјална потврда од американска страна. Назначувањето се смета за значаен чекор напред во спроведувањето на мировниот план на Трамп, кој застана по завршувањето на првата фаза. Тоа доведе до прекин на двегодишните борби во Газа, но следната фаза е во застој долго време. Се очекува Белата куќа да ги објави преостанатите членови на Мировниот совет подоцна овој месец, а Младенов ќе биде негов главен претставник на теренот.



