Португалец 17 години бил држен како роб

Португалец бил држен како роб 17 години без минимални услови за живот. Четири лица се уапсени додека жртвата е на рехабилитација. Осомничените никогаш не му дозволиле на човекот што наводно го држеле во заробеништво да добие медицинска помош.

Португалската полиција соопшти дека уапсила четири лица под сомнение дека држеле 54-годишен маж како роб 17 години во северниот регион Браганца.

Во соопштението се наведува дека мажот преживеал физичко и психичко малтретирање, принудна работа и „издавање“ на други луѓе за земјоделска работа, пренесува Ројтерс.

„Живееше во понижувачки услови, поминувајќи ноќи во комбе без минимални услови за живот, здравје, хигиена и исхрана“, соопшти полицијата, додавајќи дека обвинетиот „никогаш не му дозволувал да добие медицинска помош, дури и кога бил тешко повреден“.

Се наведува и дека по 17 години заробеништво, со трајни повреди кои му ја ограничуваат можноста за движење, успеал да побегне и сега добива специјализирана поддршка.

Случаите на трудова експлоатација и трговија со луѓе се зголемуваат во Португалија, особено кога станува збор за земјоделството. Во јуни 2022 година, Советот на Европа истакна дека Португалија идентификувала 1.152 жртви на трговија со луѓе од 2016 до 2020 година, пишува Ројтерс.

Пронајдете не на следниве мрежи: