Постигнат е договор и откупот на пиперката тече според очекувањата, тврди Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ситуацијата со производителите на пиперка е санирана и дека откупот веќе неколку дена се одвива според очекувањата.
Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на нова спортска сала во Општина Кисела Вода дали е надминат проблемот со производителите на пиперка, Мицкоски рече дека според информациите што ги добил од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, биле водени разговори меѓу засегнатите страни.
-Да, од она коешто сум информиран од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е дека се водеа разговори. Но она што е многу чудно, сакам да напоменам, кое мене ми беше чудно од тие брифинзи коишто ги добив од министерот, е фактот дека и ние ги поддржуваме земјоделците за повисоки цени. И кога им рековме „Ајде да одиме да протестираме заедно кај откупувачите, знаеме кои се 3-4 откупувачи најголеми, ајде да одиме, еве на една локација ќе биде министерот, на друга градоначалникот еден, градоначалникот два“, а рекоа не. Рекоа „не, зошто да протестираме, па тоа нас не ни одговара“. Па чекајте, велиме ние, ако вас тоа не ви одговара, тогаш Владата не откупува – нагласи премиерот.
Тој посочи дека Владата ги поддржува барањата на земјоделците за повисоки откупни цени и оцени дека нивниот труд е потценет од страна на откупувачите. Како што посочи, на земјоделците им било предложено заеднички да протестираат пред најголемите откупувачи, но тие не ја прифатиле таа иницијатива.
-Еве ние ве поддржуваме. Ние сакаме да имате повисока цена за вашиот род и заслужувате повисока цена, и треба да имате. Вашиот род од страна на откупувачите е потценет, ајде заедно во откупните центри да протестираме сите. Е тогаш наеднаш се постигна договор, наеднаш сите се договорија и наедеднаш се затвори целата оваа приказна. Но, добро е што сега сите се задоволни и што откупот веќе неколку дена тече онака како што очекувавме – истакна премиерот Мицкоски.
The post Постигнат е договор и откупот на пиперката тече според очекувањата, тврди Мицкоски appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: